📊 LIVE PRICES
Loading prices...

Надвор од заработката: Скриената сила зад растот на берзата – By Џеромче!

Надвор од заработката: Скриената сила зад растот на берзата Геополитичките тензии што моментално се одвиваат низ светот внесуваат нов бран на неизвесност на глобалните финансиски пазари. Ескалацијата на конфликтите, нарушувањата во синџирите на снабдување и ризикот од енергетски шокови ги принудуваат инвеститорите постојано да ги преоценуваат своите очекувања за економскиот раст, инфлацијата и монетарната политика.Најсилно овие промени се чувствуваат на пазарите на обврзници, кои се соочуваат со едно од најпредизвикувачките опкружувања во последната деценија. Стравувањата дека потенцијален недостиг на нафта би можел повторно да ги засили инфлаторните притисоци создаваат дополнителен притисок врз приносите и ја зголемуваат волатилноста кај инструментите со фиксен приход. Загриженоста околу пазарот на обврзници повеќе не е ограничена само на инвеститорите – таа сè почесто е во фокусот и на централните банки. На последниот состанок на Федералниот комитет за операции на отворен пазар (FOMC), американските Федерални резерви (ФЕД) посветија значително внимание на движењето на приносот на 10-годишната американска државна обврзница, кој достигна 4,565%. Според ФЕД, приносот се зголемил за околу 20 базни поени во однос на априлскиот состанок на FOMC и за приближно 50 базни поени од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток.Причината за оваа загриженост не е само повисоката цена по која американската влада се задолжува. Повисоките приноси на државните обврзници ги затегнуваат финансиските услови, ја апсорбираат ликвидноста од пазарите и создаваат дополнителен притисок врз останатите класи на средства. Уште поголем предизвик е фактот што пазарот сè уште не гледа јасни сигнали дека овој тренд на раст на приносите ќе заврши во блиска иднина.Ова го потврдуваат и повеќе емпириски истражувања кои ја анализираат врската помеѓу приносите на државните обврзници и финансиските услови. Анали што го опфаќа периодот од пандемијата во 2020 година до крајот на 2025 година покпокажувака зголемување на приносот на 10годишната американска обврзница за 50 базни поени има ефект врз финансиските услови сличен на две последователни зголемувања на референтната каматна стапка на ФЕД од по 25 базни поени. Со други зборови, самиот пазар на обврзници може значително да ги заостри финансиските услови, дури и без директна интервенција од страна на централната банка. По острата распродажба на 7 април, предизвикана од најавата за новите американски царини, индексите брзо ја вратија изгубената вредност и продолжија со нагорниот тренд. Од тој период до денес, S&P 500 забележа раст од околу 55%, додека од ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток индексот е повисок за приближно 20%, и покрај стравувањата дека геополитичките ризици ќе предизвикаат подлабока корекција на пазарите.Ова го отвора прашањето што стои зад ваквата отпорност на американскиот пазар. Дали растот е исклучиво резултат на силните квартални резултати на компаниите и континуираниот ентузијазам околу вештачката интелигенција, или инвеститорите пропуштаат да забележат фактор што институционалните инвеститори и големите инвестициски куќи внимателно го следат? Според голем број менаџери на хеџ фондови, објаснувањето за отпорноста на американските берзански индекси не лежи исклучиво во силните корпоративни резултати. Наместо тоа, нивното внимание е насочено кон пазарот на државни обврзници и начинот на кој американското Министерство за финансии управува со државниот долг. Оваа политика, која започна за време на пандемијата, продолжи и во наредните години, при што многу пазарни учесници сметаат дека има значително влијание врз ликвидноста и финансиските услови.Економистите Нуриел Рубини и Стивен Миран оваа практика ја опишуваат преку концептот Activist Treasury Issuance (ATI) – стратегија според која Министерството за финансии активно го насочува финансирањето кон издавање на пократкорочни државни хартии од вредност, додека истовремено го ограничува издавањето на подолгорочни обврзници. Ваквиот пристап ја менува понудата на државен долг на пазарот и има за цел да изврши надолен притисок врз долгорочните приноси, со што се намалуваат трошоците за задолжување во економијата.Рубини и Миран тврдат дека ATI во пракса функционира како своевидно „задно“ квантитативно олеснување (Quantitative Easing – QE). Додека Федералните резерви се обидуваат да ги заострат финансиските услови преку повисоки референтни каматни стапки и намалување на билансот на состојба, Министерството за финансии, преку структурата на новото задолжување, може делумно да го ублажи тој ефект. Со одржување на пониски долгорочни приноси, финансиските услови остануваат поповолни отколку што би биле доколку издавањето на државниот долг беше неутрално распределено по рокови на достасување. Според финансиските експерти, комбинацијата од стратегијата Activist Treasury Issuance (ATI) и фискалната политика на американската влада создава услови за одржување на висока ликвидност во финансискиот систем, и покрај рестриктивната монетарна политика на Федералните резерви Еден од клучните столбови на оваа политика е даночната рамка, која обезбедува значителни олеснувања за корпоративниот сектор. Намалените даночни обврски им овозможуваат на компаниите да задржат поголем дел од генерираниот готовински тек, наместо истиот да биде насочен кон државниот буџет. Дополнителниот капитал потоа се користи за инвестиции, откуп на сопствени акции, исплата на дивиденди и, сè почесто, за вложувања во технологии поврзани со вештачката интелигенција. Ваквата динамика придонесува корпоративните резултати да останат силни и покрај повисоките каматни стапки. Истовремено, американското Министерство за финансии продолжува да го финансира најголемиот дел од новиот долг преку издавање краткорочни државни записи, додека понудата на долгорочни обврзници останува релативно ограничена. На една од последните аукции беа пласирани околу 478 милијарди долари краткорочни државни записи, наспроти само 41 милијарда долари 20-годишни државни обврзници. Ваквата структура на издавање дополнително ја поддржува тезата дека Министерството за финансии настојува да избегне прекумерен притисок врз долгорочните приноси.Во меѓувреме, интересот за долгорочните државни обврзници останува ограничен. Најголемиот ETF кој инвестира во американски државни обврзници со долг рок на достасување – iShares 20+ Year Treasury Bond ETF (TLT) – изгуби околу 44% од својата вредност во последните пет години, што ја одразува силната распродажба на долгорочниот долг во услови на повисоки приноси.Наспроти тоа, краткорочните државни записи сè повеќе се третираат како еквивалент на готовина. Благодарение на нивната висока ликвидност, минимален кредитен ризик и краток рок на достасување, институционалните инвеститори ги користат како привремено место за паркирање на капиталот, додека истовремено остваруваат принос кој во многу случаи е повисок од оној што традиционално го нудат готовинските депозити. Токму затоа, сè поголем број институционални инвеститори внимателно ја следат не само монетарната политика на ФЕД, туку и стратегијата на американското Министерство за финансии. За нив, структурата на издавањето на државниот долг станува подеднакво важен фактор како и одлуките за каматните стапки, бидејќи може директно да влијае врз приносите на обврзниците, ликвидноста и, на крајот, врз вреднувањето на акциите.

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *