Во последниот период се појавија бројни анализи и вести кои укажуваат дека Европската Унија заостанува во развојот на вештачката интелигенција и дека глобалната технолошка трка во оваа област сè повеќе се концентрира меѓу Соединетите Американски Држави и Кина. Показателите исто така укажуваат дека дури и европските граѓани имаат ограничена доверба во успехот и конкурентноста на европскиот AI сектор. Ова се согледува и преку фактот дека значителен дел од пензиските заштеди се инвестирани во големи американски компании кои активно се занимаваат со развој на вештачката интелигенција.Во овој контекст се поставува прашањето зошто ова прашање не претставува поголем приоритет за Европската Унија, односно за Европската централна банка (ЕЦБ), како значајна финансиска институција во европскиот економски систем, особено во однос на потребата од создавање услови капиталот и заштедите на европските граѓани да останат во рамките на Европската Унија. Наместо тоа, фокусот се насочува кон она што, според анализите на европските институции, би можело да претставува следната значајна технолошка ера, слично на улогата која денес ја има вештачката интелигенција. Станува збор за **Distributed Ledger Technology (DLT)**, односно технологијата на дистрибуирани регистри. Со воведувањето на новиот проект **PONTES**, Европа практично го започнува својот маратон во оваа нова технолошка област.
PONTES претставува нова инфраструктура за порамнување, развиена специјално за токенизирани финансиски пазари(мост на традиционланите финансии со Distributed Ledger Technology (DLT)) . Оваа инфраструктура функционира врз основа на пари на централната банка — не приватни резерви и не „стабилни монети“, туку вистински пари на централната банка. Засега, банките и другите финансиски институции, како што се кредитните институции, имаат пристап до инфраструктурата за порамнување на трансакции со токенизирани средства користејќи пари на централната банка. Особено важно е да се нагласи дека ЕЦБ соопшти дека PONTES ќе се развива етапно, паралелно со нејзината долгорочна иницијатива **Appia**.
Во јавноста во последниот период често се меша PONTES со проектот на ЕЦБ за CBDC, односно дигиталното евро. Сепак, дигиталното евро наменето за малопродажба останува посебен проект и засега нема директна поврзаност со PONTES. Кога веќе станува збор за CBDC, Европската централна банка во јули избра 36 банки и компании за плаќање кои ќе се вклучат во едногодишниот пилот-проект за дигиталното евро. Пилот-проектот треба да започне во втората половина на следната година, како дел од подготовките за евентуално издавање на оваа дигитална валута на централната банка во 2029 година. Сепак, сè уште е рано за CBDC, бидејќи легислативата која го овозможува дигиталното евро сè уште се разгледува во Европскиот парламент. Според CoinDesk, централната банка го турка проектот бидејќи смета дека усвојувањето на приватни стабилни монети поддржани од долари, како што се USDT на Tether и USDC на Circle Internet, претставува закана за монетарната автономија на Европа.
Но, зошто тогаш е донесен PONTES и зошто фокусот е ставен токму на токенизираниот свет?
Традиционалниот пазар на обврзници се потпира на сложена мрежа од посредници, како што се банките, осигурителните компании и кредитните институции, што го зголемува времето потребно за извршување на трансакциите и ги зголемува трошоците за издавачите и инвеститорите. Иако овој систем докажал дека е функционален со децении, неговата неефикасност станува сè поочигледна во ера во која технологијата нуди побрзи и поевтини алтернативи. Токенизацијата на обврзниците преку blockchain технологија нуди потенцијално решение за овие долгогодишни предизвици. Обврзниците можат да бидат претворени во дигитални токени кои можат да се пренесуваат побрзо, со помал број посредници и со пониски трошоци. По иницијативата на BIS, кога беше согледан потенцијалот на токенизацијата, започна развојот на токенизација на резервите на банките со цел да се олеснат меѓусебните трансакции. Фокусот на централните банки постепено се прошири и кон токенизацијата на самите финансиски средства, како што се државните обврзници.
Токму во овој контекст треба да се разгледува и PONTES. Наместо Европа само да се обидува да ја следи трката во развојот на вештачката интелигенција, преку DLT и токенизацијата таа започнува да гради инфраструктура за финансискиот систем на следната технолошка ера.
