📊 LIVE PRICES
Loading prices...

Од постепена промена до системска трансформација – Статија на нашиот Џеромче!

Промените во животот луѓето ги доживуваат на различен начин, што последично доведува и до различни реакции кон нив. Сепак, постојат промени кои луѓето не ги прифаќаат, туку напротив, ги отфрлаат и на нив реагираат со спротивставување. Помалите промени во финансискиот систем, вообичаено, полесно се прифаќаат од страна на населението. Таков пример се даночните промени, каде што, на пример, една влада може да применува даночна стапка на данокот на додадена вредност од 18%, додека наредната влада може да ја зголеми стапката за два процентни поени. Како оправдување за ваквата промена може да се наведат високото задолжување создадено од претходната влада или потребата од зголемување на буџетските средства наменети за образованието и здравството. Од друга страна, кога станува збор за радикални промени, како во општествениот, така и во финансискиот систем, нивното прифаќање од страна на населението е значително потешко и често предизвикува спротивставување. Историските примери покажуваат дека радикалните идеи понекогаш се истакнуваат со цел постепено да се создадат услови за прифаќање на навидум поблага контраидеја. Иако таквата промена на прв поглед може да изгледа ограничена и неприметна, нејзината имплементација може постепено да доведе до значителни промени во целокупниот систем.

Промените со кои сме соочени во современиот период се поврзани и со мерките што ги презема Европската Унија со цел да ја зајакне својата позиција како значаен глобален економски и финансиски актер. Во тој контекст, Европската централна банка (ЕЦБ) презема чекори за проширување на својот механизам за итно обезбедување ликвидност во евра, со што на централните банки ширум светот им се овозможува пристап до средства во евра во услови на финансиски притисоци и зголемена потреба од ликвидност. Ваквата мерка отвора прашање дали ЕЦБ ги предвидела потенцијалните финансиски притисоци на глобално ниво уште пред започнувањето на конфликтот на 28 февруари, или станува збор за постепено прилагодување на европската финансиска политика кон пошироките промени што ги преземаат Соединетите Американски Држави. Наместо директно воведување на радикални промени, проширувањето на пристапот до ликвидност во евра може да се разгледува како постепен чекор кон зајакнување на меѓународната улога на европската валута. Дополнително, достапноста на итно финансирање во евра може да придонесе кон зголемување на сигурноста кај инвеститорите и финансиските институции при поседувањето, позајмувањето и тргувањето со оваа валута.

Ова е особено значајно во услови кога глобалната улога на американскиот долар повторно се преиспитува, со што се создава простор за зголемена меѓународна употреба на еврото. Истовремено, обезбедувањето дополнителна ликвидност може да го намали ризикот од принудна и брза продажба на средства деноминирани во евра во услови на нивен недостиг. Во овој контекст, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, укажува дека преиспитувањето на статусот на американскиот долар, меѓу другото и поради неизвесноста поврзана со економската политика на американската администрација, претставува можност за Европа да ја зајакне меѓународната позиција на еврото. Почнувајќи од третиот квартал на 2026 година, квалификуваните централни банки ќе имаат постојан пристап до средства во износ до 50 милијарди евра преку овој механизам, при што како колатерал ќе можат да се користат висококвалитетни средства деноминирани во евра.

Некои од овие чекори на Европската централна банка (ЕЦБ) ги интерпретираат како форма на дополнително финансирање на европскиот институционален систем, при што ликвидноста обезбедена од ЕЦБ, со рок од најмногу една недела, индиректно би можела да придонесе кон зголемена побарувачка за европски обврзници. Други, пак, овие мерки ги гледаат како дел од долгорочна стратегија за зајакнување на меѓународната улога на еврото и негово постепено приближување кон позицијата на глобална резервна валута. Според ова гледиште, поголемата меѓународна употреба на еврото би можела да ја зголеми довербата во валутата, да ја поттикне побарувачката за средства деноминирани во евра и, потенцијално, да придонесе кон зголемување на уделот на еврото во девизните резерви на странските централни банки.

Пореалистичкото толкување, кое е застапено и во оваа анализа, е дека овие мерки треба да се разгледуваат и во поширок контекст на настојувањата на Европската унија да ја зајакне својата меѓународна економска позиција и да создаде поповолни услови за пристап на европските компании до странските пазари. Ова е особено релевантно во услови на значителен трговски дефицит на Европската унија со Кина, како и зголемените трговски бариери и царини во трговските односи со Соединетите Американски Држави. Сепак, важно е да се нагласи дека директната цел на EUREP не е отворање нови пазари за европските компании. Неговата основна функција е да обезбеди поголема достапност на евро-ликвидност за странските централни банки, да го намали ликвидносниот и валутниот ризик во странските финансиски системи, да го олесни финансирањето и порамнувањето во евра и, пошироко, да ја поттикне употребата на еврото во меѓународната трговија и инвестициите.

Од оваа перспектива, EUREP може да создаде индиректни економски можности за европските компании кои настојуваат да извезуваат стоки и услуги на пазари надвор од еврозоната. Доколку финансискиот систем на одредена странска држава има полесен и посигурен пристап до евроликвидност, локалните банки би можеле полесно да го финансираат увозот на стоки и услуги деноминирани во евра, да одржуваат средства во евра и да управуваат со изложеноста кон валутниот ризик преку хеџинг-инструменти. На тој начин, создавањето на поразвиена финансиска инфраструктура околу еврото може да ги намали одредени финансиски и трансакциски бариери за европските извозници. Дополнително, доколку странските држави започнат во поголема мера да го користат еврото како трговска и финансиска валута, европските компании би можеле да остварат одредени структурни предности. Најзначајната предност произлегува од намалувањето на валутниот ризик, бидејќи компанијата од еврозоната може да фактурира, наплатува и врши одредени финансиски трансакции во сопствената валута, без потреба од конверзија преку американскиот долар или локалната валута на странскиот партнер.

Доколку на ова се додаде и друга перспектива, односно загриженоста на Европската централна банка во однос на неизвесноста поврзана со политиката на актуелната американска администрација, потегот што го прави преку овој механизам може дополнително да се оправда. Продажбата на евра од страна на САД во замена за јапонски јени, под образложение за стратешка релокација на ресурсите, иако причините за самата интервенција беше сосема друга, може да укаже дека Европската централна банка започнала навремено да презема мерки за заштита од потенцијалните последици од идните промени во глобалниот финансиски систем. Сепак, останува прашањето дали механизмот што сега го воведува Европската централна банка ќе претставува долгорочна алатка или ќе има претежно краткорочен карактер.

Според новите информации, до октомври 2027 година се очекува постепено да дојде до промена на приближно две третини од актуелното раководство на Европската централна банка. Ваквата значајна кадровска промена претставува важна транзиција во раководната структура на институцијата. Меѓу позициите кои потенцијално би можеле да бидат отворени за нови кандидати се и претседателството на ЕЦБ, како и место во нејзиниот Извршен одбор, кои имаат значајна улога во формулирањето и спроведувањето на монетарната политика. Според написот на Reuters, постои можност европските влади да ги разгледуваат и преговараат овие назначувања како дел од поширок политички одговор. Германија, Франција, Италија, Шпанија и Холандија имаат различни национални интереси во однос на распределбата на влијателните позиции во ЕЦБ. Меѓу потенцијалните кандидати за претседател на ЕЦБ се споменуваат Пабло Ернандез де Кос и поранешниот гувернер на холандската централна банка, Клас Кнот.

Пабло Ернандез де Кос генерално поддржува пристап кон монетарната политика заснован на економски податоци, при што одлуките се прилагодуваат во зависност од актуелните економски услови. Тој често се определува како „dovish“, што укажува на релативно поголема чувствителност кон негативните ефекти што високите каматни стапки можат да ги имаат врз економската активност и вработеноста. Сепак, тоа не значи дека неговиот пристап е попопустлив во однос на инфлацијата. За време на периодот на висока инфлација, тој го поддржа циклусот на монетарно затегнување на ЕЦБ и ја нагласи потребата монетарната политика да остане доволно рестриктивна сè додека тоа го налагаат економските услови. Во поширока смисла, неговите ставови укажуваат на претпочитање на флексибилен и постепен пристап кон монетарното прилагодување, наместо задржување на рестриктивна политика подолго од периодот во кој таа е оправдана. Спротивно на Пабло Ернандез де Кос, Клас Нот традиционално зазема поизразен „hawkish“ став, при што става силен акцент на контролирањето на инфлацијата и спречувањето на нарушување на инфлациските очекувања. За време на неодамнешниот пораст на инфлацијата, тој поддржа значително зголемување на каматните стапки и се залагаше против прерано олабавување на монетарната политика. Неговиот пристап одразува претпочитање за одржување на доволно рестриктивни монетарни услови сè додека не се појават убедливи докази дека инфлацијата одржливо се враќа кон целта на ЕЦБ. Сепак, Нот исто така има нагласено дека нема потреба монетарната политика да остане прекумерно рестриктивна доколку инфлаторните притисоци се намалат и економските услови укажуваат на потреба од постепено олабавување. Европската Унија се наоѓа на пат кон значајни финансиски и институционални промени. Овие промени можат да се согледаат преку различни иницијативи и процеси, почнувајќи од воведувањето на PONTES, преку воспоставувањето на новиот механизам EUREP, па сè до постепената промена на приближно две третини од раководните функции во Европската централна банка. Сите овие процеси се одвиваат во период на зголемена економска и геополитичка неизвесност. Покрај институционалните и финансиските промени, Европската Унија се соочува и со значајни трговски и економски предизвици. Односите со Кина стануваат сè посложени, особено поради значителниот трговски дефицит, додека европската индустрија се соочува со зголемен притисок од глобалната конкуренција. Истовремено, европската економија се соочува со предизвици поврзани со пазарот на трудот, додека војната во Украина продолжува да создава значителни финансиски и фискални обврски за европските држави. Во такви околности се поставува прашањето за начинот на кој Европската Унија ќе ги спроведува идните промени. Дали Европа ќе продолжи со постепени и мали промени, слични на PONTES и EUREP, кои постепено се интегрираат во постојниот систем без значително нарушување на секојдневното функционирање на граѓаните? Или, напротив, ќе се соочиме со подлабоки системски промени кои пота ќе бидат претставени преку „благи“ и постепени контраидеи, но со текот на времето можат да доведат до значителна трансформација на европскиот финансиски и економски систем?

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *