📊 LIVE PRICES
Loading prices...

Енергетската зависност и иднината на европска економија – Филип Ташковски – Џеромче

Конфликтот помеѓу Иран, Соединетите Американски Држави и Израел создава сериозни предизвици за Европа, но тие не се ограничени само на увозот на нафта. Иако Блискиот Исток, особено Саудиска Арабија и Ирак, претставува важен извор на нафта, нивното учество во вкупниот европски увоз е околу 19%, додека Европа денес значително повеќе увезува од Соединетите Американски Држави преку големи енергетски договори. Сепак, нафтата не е главниот фактор што ја става европската економија под ризик од рецесија или стагфлација. Клучниот проблем произлегува од снабдувањето со течен природен гас (LNG). Во услови на геополитички тензии и потенцијално затворање на Ормутскиот Теснец (за кој сè уште е неизвесно дали ќе остане отворен), Европа се соочува со опасност од недостиг на LNG, неопходен за обновување на резервите. Ова директно ја отежнува подготовката за зимските месеци и го зголемува економскиот ризик, што покажува дека гасот, а не нафтата, претставува главниот енергетски предизвик за Европа во моментот.

Во текот на изминатите неколку години, структурата на увозот на природен гас во Европската Унија (ЕУ) претрпе значителна трансформација. Историски гледано, Русија беше доминантен снабдувач со околу 40% од увозот на гас во ЕУ пред 2021 година. Сепак, геополитичките случувања, особено војната во Украина, ја принудија ЕУ брзо да ги диверзифицира своите извори на енергија. Податоците покажуваат дека увозот од Русија е намален на неверојатни 13,1%, што претставува дополнителен ризик за Европа, особено што двете страни сакаат да го поништат долгогодишниот договор. Сепак, Европа направи значајни чекори во диверзификацијата на изворите на LNG. Од 2025 година, Норвешка стана најголем снабдувач со околу 31% од вкупниот увоз, додека Соединетите Американски Држави се појавија како клучен партнер, обезбедувајќи над 25% од увозот. Ова претставува голема структурна промена, бидејќи LNG овозможува поголема флексибилност и ја намалува зависноста од фиксните гасоводни рути.

Кога се спомнува природниот гас, првата асоцијација е електричната енергија, но тој има и широка примена во индустријата. Сепак, во Европа најмногу се користи за загревање на домовите во текот на зимата. Зошто Ормутскиот Теснец предизвикува потенцијален ризик за Европа, иако поголемиот дел од увозот доаѓа од земји надвор од Заливот? Голем број економски експерти (вклучувајќи ги и тие од Goldman Sachs) оваа криза во Европа ја дефинираат повеќе како индустриска отколку како енергетска, во споредба со периодот 2022/2023. Кризата од 2022/23 година беше фундаментално предизвикана од наглото намалување на снабдувањето со руски гас и особено силно влијаеше врз тесен круг на енергетски интензивни индустрии. Во тековната ескалација на конфликтите, беа пријавени напади врз инфраструктурата за LNG во Катар, што загрозува 20% од глобалните залихи. Овие капацитети моментално се исклучени, а бомбардирањата на производствената инфраструктура создаваат долгорочен проблем за светската економија. Катар соопшти дека ќе бидат потребни 3 до 5 години за враќање на капацитетот на 100%, при што не се мисли само на поправка, туку на градење нова инфраструктура. И покрај големото кратење на извозот, цените на гасот се двојно зголемени, но не го достигнаа нивото од 2004, 2008 или 2022 година. Зошто? Благодарение на стратегијата на ЕУ позната како Green Deal, поставени се амбициозни климатски цели за намалување на емисиите и зголемување на уделот на обновливи извори. Претходно, енергетскиот микс се базираше на фосилни горива, особено на јаглен. Денес, големите ветерни паркови во Северното Море и соларните централи во јужна Европа обезбедуваат речиси 25% од вкупната потрошувачка на енергија во ЕУ.

Примарната причина за оваа промена беше намалувањето на енергетската зависност и емисиите на стакленички гасови. ЕУ постигна значителен успех во ова поле – до 2023 година емисиите се намалени за околу 37% во споредба со 1990 година, што е еден од најголемите падови меѓу развиените економии. Овој напредок е остварен иако економијата на ЕУ во истиот период пораснала за околу 68–70%, докажувајќи дека економскиот раст може да се одвои од загадувањето. Сепак, лекцијата за енергетската независност не е научена во целост. Европа е континент кој најбрзо се затоплува, а климатските промени се случуваат со алармантна брзина. Помеѓу 1980 и 2023 година, над 240.000 луѓе во Европа го изгубиле животот поради екстремни временски услови. Поради кризата, ЕУ не може целосно да ги обнови резервите за зимата, па повторно е принудена да се потпре на јагленот, кој е достапен на нејзина територија и моментално е поефтин од гасот. Накратко, историјата од 2022/2023 се повторува со веќе присутна инфлација, намален животен стандард, поделени политички гледишта и активна војна на европско тло. Сите овие фактори, заедно со нестабилноста во Ормутскиот Теснец, придонесуваат за економско тонење на Европа. По кризата од 2023 година, во рок од две деловни години (2023 и 2024), Volkswagen Group како една од најголемите корпорации забележа пад на профитот од 20-40%, постепено отпушта 10.000 работници и планира префрлање на производството во Азија поради високите трошоци. Со слични проблеми се соочуваат и Renault, Mercedes, како и телекомуникацискиот гигант Vodafone, кој отпушти 11.000 вработени и продаде делови од својот бизнис.

Анализата на БДП на Европската Унија (2014-2024) покажува доминација на услужниот сектор (66%), додека индустријата учествува со 22%. Ова ја позиционира ЕУ како типична пост-индустриска економија. Сепак, ваквата распределба ја загрозува долгорочната одржливост. Индустрискиот сектор е клучниот двигател на извозот и технолошкиот развој. Во рамките на овој сектор спаѓаат стратешки гранки како автомобилската, хемиската и машинската индустрија, кои се основа на европската моќ. Во услови на засилена конкуренција од Кина и трговски тензии со САД, европската индустрија се соочува со егзистенцијални предизвици. Притисокот од тарифите и бариерите води кон деиндустријализација, што има негативни последици врз пазарот на трудот и јавните приходи.


Сега се поставуваат две клучни прашања за иднината. Првото е дали ЕУ ќе се обиде да ја стабилизира индустриската база преку евентуално обновување на енергетската соработка со Русија за поевтини енергенси. Таков пристап би ги намалил трошоците и би ги осигурал резервите, но би бил во директен конфликт со стратешките цели за независност и Green Deal. Сепак, во овој момент, замената на јагленот со природен гас се чини како единствена опција за спас на индустријата.

Алтернативно, ЕУ веќе презема чекори за диверзификација преку партнерства со САД и Индија. Сепак, овие извори се поскапи, што директно ја поткопува конкурентноста на европските производители и ги принудува на релокација. Европската Унија се наоѓа пред комплексен избор помеѓу краткорочната економска рационалност и долгорочните стратешки цели. Балансот помеѓу енергетската сигурност, конкурентноста и климатските обврски ќе биде клучниот фактор што ќе ја дефинира нејзината иднина.


Филип Ташковски – Џеромче

Магистер по економија и бизнис

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *