📊 LIVE PRICES
Loading prices...

Англиска економија – Титаник 2.0 – Бај Џеромче!

Англија некогаш владееше со глобалната економија како што непотонливиот Титаник владееше со Атлантикот – моќен, почитуван и навидум невозможно да се предизвика. Сепак, во последниве години, под површината на британската економија се појавија пукнатини: растечка инфлација, стагнација на платите, политичка нестабилност и растечка нееднаквост.  Велика Британија сè уште проектира финансиска сила преку глобалниот банкарски сектор на Лондон, историските институции и меѓународното влијание. Сепак, под оваа слика лежи економија што се бори со бавен раст на продуктивноста, притисок врз јавните услуги, енергетска несигурност и криза со трошоците за живот што влијае на милиони домаќинства. Критичарите тврдат дека владините лидери, слично како екипажот на Титаник, го потцениле обемот на предизвиците што се приближуваат до нацијата.
Пукнатините како значаен индикатор за забавувањето на економијата на Англија започнаа појасно да се манифестираат по заминувањето на голем број бизнисмени и компании, како последица на новиот буџет на Обединетото Кралство, кој претставуваше сериозно изненадување за економската и бизнис јавност. Rachel Reeves, како највисок економски функционер во Велика Британија, во својот втор годишен буџет претстави даночни зголемувања во вредност од приближно 26 милијарди фунти (34 милијарди долари) до 2030 година, пред сè преку зголемено оданочување на личните приходи. Ова претставува продолжување на политиката од претходната година, кога беа воведени дополнителни даноци во износ од околу 40 милијарди фунти, и покрај претходните најави дека таков обем на даночни интервенции нема повторно да се случи. Според официјалните образложенија, новите фискални мерки се резултат на забавениот економски раст и континуираниот пораст на трошоците за социјална помош, кои вршат значителен притисок врз државниот буџет. Со ваквата политика, владата се обиде преку повисоко оданочување на повисоките доходни категории и богатите поединци да ги надополни буџетските дефицити и да создаде услови за економска стабилизација. Меѓутоа, наместо очекуваното зајакнување на економската состојба, мерките предизвикаа дополнителна несигурност кај инвеститорите и деловната заедница. Значителен број компании започнаа да ги префрлаат своите седишта во држави со поповолни даночни и деловни услови, што дополнително влијаеше врз слабеењето на инвестициската клима во земјата.
Сепак, одливот на компании не е единствениот индикатор што укажува на стагнацијата на британската економија. Значаен сигнал претставува и намалената заинтересираност за британските државни обврзници во последните две години, особено по доаѓањето на Keir Starmer на власт. Намалената доверба кај инвеститорите не е резултат само на бавниот економски раст, туку и на перцепцијата дека економската состојба на Англија нема значително да се подобри во блиска иднина. Според податоците на Bloomberg, Велика Британија успеала да продаде рекордно количество државни обврзници во вредност од 15 милијарди фунти (20,3 милијарди долари), со принос од 4,9158%, што претставува највисоко ниво на принос за продажба на 10-годишни обврзници од 2008 година наваму. Иако ваквата продажба формално укажува на постоење на побарувачка, високите приноси истовремено сигнализираат зголемена перцепција на ризик кај инвеститорите и повисока цена на задолжување за британската држава.
Еден од главните фактори што придонесуваат за намален интерес на инвеститорите за вложување во државни обврзници или воопшто во Обединетото Кралство е „лепливата“ инфлација со која земјата се соочува од третото тримесечје на 2024 година. Според последните податоци, инфлацијата за месец март изнесувала 3,3%, што е приближно 130 базни поени над таргетираната стапка од 2%.

Во услови на продолжена инфлаторна динамика во текот на 2025 година, Банката на Англија донесе одлука за намалување на основната каматна стапка два пати — од 4,25% на 3,75%. Сепак, на последниот состанок Комитетот за монетарна политика одлучи да ја задржи каматната стапка непроменета, со гласање 1–0–8 (еден член за зголемување на каматите, ниту еден за намалување, и осум за задржување на сегашното ниво).

Податоците за инфлацијата, мерени преку индексот на трошоци на живот, укажуваат дека значаен придонес имаат повисоките цени на енергенсите, особено горивата, кои се зголемија како последица на растот на цената на суровата нафта предизвикан од геополитичките тензии на Блискиот Исток. Дополнително, инфлацијата во услужниот сектор се покажа повисока од очекуваното, додека инфлацијата кај основните стоки остана релативно ниска.

И покрај сличните предизвици со кои се соочува Европската унија, Обединетото Кралство е особено чувствително на движењата на цените на енергијата. Сепак, најголем инфлаторен притисок доаѓа од услужниот сектор, кој не е директно поврзан со цените на нафтата, иако индиректните ефекти преку енергетските трошоци се присутни низ целата економија.

Во однос на структурата на БДП, околу 80% од економската активност во Обединетото Кралство потекнува од услужниот сектор, што ја нагласува неговата клучна улога во економскиот раст. Сепак, ова отвора прашања за одржливоста на растот во услови на слаб индустриски и производствен сектор, кој во последните периоди бележи историски ниски нивоа на активност. Ваквата слаба индустрија во Англија направи да нееднаквоста се зголеми помеѓу различните доходковни групи. Гини коефициентот во Обединетото Кралство изнесува приближно 0,50 пред оданочување и околу 0,33 по оданочување и трансфери. Кога се споредува со Македонија, каде што Гини коефициентот изнесува околу 0,30–0,31 по оданочување, се забележува дека нивото на доходна нееднаквост во една развиена економија, членка на Г7, е споредливо или дури повисоко од она во помала и економски помалку развиена држава. Со ова се покажува дека нееднаквоста или грубо кажано класната разлика во Англија расте.

Според анализите на Банката на Англија, се очекува растот на бруто-домашниот производ (БДП) да биде значително посилен во првиот квартал од 2026 година, достигнувајќи околу 0,5%. Главна причина за ова е невообичаено високата месечна стапка на раст од 0,5% забележана во февруари. Сепак, земајќи ги предвид претходните искуства поврзани со тарифните политики на САД во април 2025 година, постои можност овој раст делумно да биде резултат на зголемена потрошувачка и складирање на основни производи од страна на компаниите и потрошувачите, како подготовка за потенцијални геополитички ризици и нарушувања во глобалните синџири на снабдување(во февруари имавме големи тензии помеѓу САД и ИРАН). Дополнително, Банката на Англија предупредува дека можниот енергетски шок би можел негативно да влијае врз економскиот раст преку намалена побарувачка, забавување на растот на реалните приходи и зголемена економска неизвесност. Поради тоа, нивните проекции за растот на БДП во вториот квартал од 2026 година се ревидирани надолу на 0,1%. Историските податоци покажуваат дека британската економија во текот на 2023 година забележала два последователни негативни квартали, што технички претставува рецесија. Сепак, преку монетарни и фискални мерки насочени кон стимулирање на економската активност, економијата успеала да се стабилизира, при што во првиот квартал од 2024 година е регистриран раст од 0,8%. Овие искуства укажуваат дека, и покрај високата и „леплива“ инфлација во 2025 година — која остана над таргетираната стапка од 2% — Банката на Англија се одлучила за намалување на каматните стапки со цел да спречи подлабоко економско забавување. Оттука, може да се претпостави дека актуелното раководство на централната банка ќе биде претпазливо во однос на идни зголемувања на каматните стапки, дури и во услови на повисока инфлација, сè додека постои ризик економијата повторно да влезе во негативен квартал.  Потенцијално сценарио за заострување на монетарната политика би било доколку економијата оствари стабилен и одржлив раст во вториот квартал од 2026 година, приближно еднаков на растот од првиот квартал, односно во рамки од ±0,1 процентни поени. Во таков случај, Банката на Англија би можела да разгледа зголемување на каматните стапки со цел ограничување на инфлаторните притисоци и „ладење“ на економијата.

 Анализирајќи го индексот на британската фунта, кој е составен од кошничка на трите најзначајни светски валути — американскиот долар, еврото и јапонскиот јен — може да се забележи дека најголемо процентуално влијание имаат доларот и еврото, пред сè поради фактот што САД и Европската Унија претставуваат најголеми трговски партнери на Обединетото Кралство. Од самиот графички приказ може да се забележи дека британската фунта своето последно највисоко ниво го достигнала во 2014 година, кога индексот изнесувал 171.44 поени. Од тој период наваму, вредноста на фунтата во однос на останатите две водечки валути бележи долгорочен опаѓачки тренд. Најниската вредност, односно дното од 102.22 поени, е достигнато во 2022 година за време на глобалната енергетска криза, предизвикана од руската инвазија врз Украина. Овој настан претставува индикатор дека евентуално продолжување на геополитичките тензии на Блискиот Исток би можело повторно негативно да влијае врз британската валута. Иако на макроекономско ниво трендот на фунтата во однос на доларот и еврото останува опаѓачки, во периодот од 2022 година до првиот квартал од 2026 година е забележано делумно закрепнување, при што индексот пораснал до 136.31 поени. Ова укажува на одредена стабилизација на британската економија по енергетската криза, но не и на целосно надминување на структурните слабости. Дополнително, од 2014 година наваму може да се забележи постепено слабеење на индустрискиот сектор во Обединетото Кралство. Енергетската криза од 2022 година покажа дека економските шокови имаат значително влијание врз финансискиот систем, индустриското производство и вредноста на националната валута. Оттука, се поставуваат неколку суштински прашања: до кој степен британската економија ќе може да го издржи потенцијалниот притисок од нови геополитички и енергетски кризи; дали државата би можела да влезе во рецесија и паралелно да започне процес на реиндустријализација со цел обновување на економскиот раст; или, пак, ќе продолжи трендот на преселување на производствените капацитети во земји со пониски трошоци, што би довело до дополнително слабеење на индустриската база.

Во поширок геоекономски контекст, ваквите процеси отвораат и дискусија околу идната позиција на Обединетото Кралство во рамки на Г7 економиите, особено во услови кога држави како Полска бележат континуиран економски и индустриски раст и сè почесто се споменуваат како потенцијални идни носители на европскиот економски развој.

ЏЕРОМЧЕ!

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *